Каратистите на подготовки во Струга
03.01.2012
Најдобрите каратисти, предводени од спортистката на Македонија за 2011-та, Наташа Илиевска се на подготовки во Струга.
Еднонеделните подготовки ќе се одвиваат за поуспешен настап на сениорите на претстојниот прв годинашен турнир во Премиер-лигата, кој ќе се одржи во Париз (4-15 јануари). Покрај Илиевска, во Струга ќе бидат сите актуелни сениори од нашите два најреномирани карате-клубови Макпетрол и Металург (Жарко Арсовски, Мартин Несторовски, Огнен Груевски, Наташа Стефановска, Бојан Јовановска, Томе Тодоровски, Ферат Корбуличи, Богдан Мицов, Иво Цветковски и др). Во истиот период и младите репрезентативци (кадети и јуниори), членови на Макпетрол и на Металург, ќе се подготвуваат заедно со 20 спортисти од соседна Бугарија, а потоа заминуваат на ЕП во Азербејџан (10-15 февруари 2012).
- Во 2012 година имаме многу богат календар на натпревари и ако сакаме да бидеме успешни како досега, мораме да ги засукаме ракавите со макотрпна работа. Се одлучивме за заеднички подготовки и соработка со екипата на металурзите, бидејќи досегашното искуство покажува дека тоа е исправно. Оптимист сум и верувам дека и годинава каратистите ќе бидат во групата на најуспешни македонски спортисти, вели тренерот на Макпетрол и селектор на Македонија, Бошко Заборски.
Слично мислење дели и тренерот на Металург, Мирче Јанушевски.
- Поради фактот што во двата клуба имаме многу квалитетни спортисти во сите возрасни категории, бевме принудени да направиме рана мобилизација на комплетниот натпреварувачки состав на двата клуба, а заедно со бугарската репрезентација имаме импозантна бројка од 70 квалитетни каратисти, кои денеска ќе заминат на подготовки во старата зимска база - Струга.